Sunday, December 26, 2021

УРАН ВО БИК, или рушење на старото и насилно инсталирање на новото

Пост напишан за порталот Слободен Ум

Не знам поради кои причини, мојот профил на Фејсбук Astroloshki Razgovori беше хакнат. Сега дава некое име на Литванец. Бидејќи тоа беше профил исклучително наменет за објавување на астролошки материјали, статуси и мислења, многу од постовите не ги објавив на блогот, кој требаше да биде моето првично објавувачко место. Оние кои го следеа Астролошки Разговори знаеја дека целата моја дејност и актвност со астрологија никогаш не беше од материјални побуди, туку исклучиво истражувачки. Евентуално некому да му се помогне нешто, со насоки за можностите. Неретко бев во голема агонија дека познавањето на астрологијата е залудно, затоа што ретко кому може реално да му се излезе во пресрет, ако работите му се запишани толку детерминистички, од што нема бегање. Не знам кому му пречев, не објавував сензитивни материјали во врска со пандемијата, не го провоцирав системот, но тоа е тоа, враќање назад нема, одиме понатаму.

Им благодарам на дечките од Агора – Слободен Ум, кои ми дозволија да објавам текст на нивната платформа, со кои се надевам дека ќе ја продолжиме соработката. Одвреме – навреме ќе објавувам по некој авторски текст за нивната страна и портал.

Ова прво обраќање за читателите на Слободен Ум ќе биде во духот на Мунданата Астрологија. Мундана Астрологија е астрологијата која ги анализира влијанијата на планетите врз случувањата во светот; отсекогаш ги побудувала моите најголеми интереси и ми била предизвик за анализа. За тоа треба да знаете многу историја, но и да ги следите вестите од светот. За да направите анализа за една држава, треба долго време да ги анализирате нејзините услови, политички фактори, социјални аспекти итн.

Нешто што го размислувам веќе неколку години е транзитот на Уран и светските случувања.

Уран е планета на новото, на нови револуционерни откритија, на технологијата. Уран е планета на иднината: неговите типови на луѓе се неразбрани, отфрлени и неретко исмејани од средината, затоа што тие не живеат во сегашноста – туку неколку денови, месеци или години во иднината. Живеејќи во иднината, тој насилно сака да ја промени сегашноста – преку револуција. Уран ги возбудува духовите на сите наоколу, а негови најголеми непријатели се реакционерните типови. Тој е против сѐ она што претставува тек, навика, рутина, шема, шаблон – тој тоа сака да го разурне.

Неретко се верува дека побудите на Уран се крајно алтруистички: слобода, човекољубие, рушење на секакво ропство. Но, не е секогаш баш така.

Транзитирањето на Уран низ секој знак носи огромни влијанија врз случувањата во светот, секој со својата аналогија. Во еден знак се задржува околу 7 години, доволно за одредени процеси да си го фатат својот тек. Сепак, мојот најголем аларм се разбуди кога го анализирав транзитот на Уран низ Бик.

Во Бик Уран е во изгон – таму не се чувствува добро. Бикот е материјалната стабилност, канализирани работи, едноставна рутина – сето тоа што овој го презира. Бикот е дрвото во земјата, а Уран е невремето и ураганот што сака да го искорени. Наједноставно кажано, тоа е конфликт на старото и реакционерно, со новото и револуционерно. Бик е земја, а Уран е разурнување – нема да погрешите ако ви падне на ум дека најголемите војни во светот се случиле кога Уран минувал низ Бик. Секако, имало војни и во други периоди, но овие се од големо значење затоа што го менуваат светот од корен. Секои 80 години, кога Уран влегува во Бик, се случува разврска на дотогашните текови на работите. Најчесто, тоа е судир на старото со новото. Ајде малку лекција од историја.

Крајот на 1935 година Уран влегол во Бик. Втората Светска Војна е само продолжение и разврска на Првата (кога Уран е во Водолија – војна за нафта и ресурс за новото превозно средство – автомобилот), сепак таа е најразурнувачкиот конфликт во историјата на човештвото. 1935 веќе е јасно дека Германија ќе оди во тотална војна, која многу накратко и се случува. Во Бик останува до почетокот на 1943 година – наредните две години до нејзиниот крај се само исходот од разурнувањата кои една војна со себе ги носи. Во Близнаци е разврската.

1851 е во Бик. Барам кој конфликт се случил тогаш – 1853- 1856 година се води Кримската војна, геостратешки конфликт, кој прераснал во конфликт од светски размери, воден со цел да се запре напредокот на Русија кон Средоземното Море. Западните „развиени“ земји помагаат на „заостанатата“ Отоманска Империја, која е во војна со „заостанатата“ Руска Империја. Тоа дотогаш е најкрвавиот конфликт некогаш војуван.

Покрај тоа, изминатиов период вниманието успеа да ми го сврти еден интересен документарец, „Украдена Историја“, во кој авторите сакаат да кажат дека од 1850 година низ светот почнале да се организираат „Светски Саеми“, во кои неретко покрај старите градби во големите градови, се граделе футуристички градби, наводно со лесни материјали, како дрво, гипс и слично, кои по извесно време на изложување – биле рушени. Авторите успеваат да докажат – или во најмала рака да разбудат еден голем основан сомнеж – дека во суштина биле рушени СИТЕ градби од тие изложбени саеми, и оние привремените, но и оние кои веќе постоеле на тие места долги години. Биле срушени многу грандиозни градби насекаде низ светот и избришана нивната трага дека некогаш воопшто постоеле – останале многу малку од старите градби да стојат до денеска, а од главнината останале само разгледници, по некоја фотографија или цртеж (но сепак доволно за сомнежот да биде поставен). Зошто? Се верува дека припаѓале на некоја унифицирана култура, распространета низ целиот свет, технички многу понапредна од она што денеска би можеле да го претпоставиме. Бил направен ресет – можеби требало да заборавиме дека таква култура воопшто постоела – и се околу неа срушено или избришано. Поентата на организаторите на рушењата најверојатно била раскрстување со старото време и старите традиции, и воспоставување на нови – времето треба да почне со нив. Интересно е што тој процес, кој траел и во почетокот на ХХ век, започнал токму кога Уран транзитира низ Бик – рушење, разурнување, демолирање…

Уран од Бик излегува во 1859 година, но тоа коинцидира со разврска на уште еден голем крвав конфликт – граѓанската војна во САД, во која наводно се судираат два концепти, на „новото и напредно“, наспроти „старото и заостанато“.

Интересно е што во подготовката на целиот процес на конфликт на „старо“ со „ново“ се „револуциите“ од 1848, три години пред Уран да влезе во Бик.

Уште еден интересен детал е смртта на над 12 милиони луѓе од чума, која се појавила во Кина и во Индија толку 1855 година…

Во 18ти век Уран во Бик коинцидира со Американската Револуционерна Војна, односно Американското (новото) отцепување од Британската Империја (старото). Ова е првиот сериозен удар кој дотогаш неприкосновената Британска Империја го претрпува, момент од кој нејзината моќ започнува да опаѓа. Значењето на отцепувањето на поранешната Британска колонија во посебна, сопствена држава наречена Соединети Американски Држави – го гледаме до денес.

Претходно во 1756 до 1763 година, иако Уран е во Овен, се случува Седумгодишната Војна, водена помеѓу Британија и сојузниците и Франција и сојузниците, која се смета за најголем конфликт дотогаш, со најмногу жртви, која го разорува Европскиот континент, но се водат војни и во колониите во остатокот од светот.

1684 – 1691 е наредниот период. Тука е растот на Луј XIV, Француско – Холандската војна, која претходи на транзитот Уран во Бик, а како централен настан го ставам Деветгодишната Војна, започната 1688 година – првата глобална војна, со дотогаш најголем број жртви, завојувани страни и разурнување… Особено за истакнување токму во тој период е Големата Турска Војна, започната 1683 година, опсадата на Виена од страна на Турците (стариот, „назаден“ свет) и победата на Хабсбуршката Монархија (новиот, „современ“ свет).

1517, точно кога Уран влегува во Бик, Мартин Лутер ја објавува Реформацијата. Реформацијата е еден од клучните моменти во расколот на западната црква – момент кој ќе доведе до многу крвави конфликти.

Големата чума од 1346 – 1353 и најголемата ударна смртност во 1349 – 1351 се совпаѓа со транзитот на Уран во Бик. Се претпоставува дека умреле и до 200 милиони луѓе – најголема смртност од нешто до сега, за така краток период.

Крстоносните војни почнуваат со транзитот на Уран низ Бик во 1098 година…

Ја сфаќате поентата. Секако дека војни, рушења и смртност имало и во другите периоди од историјата, но клучни настани, кои го одредувале текот на историјата се случувале токму кога Уран минувал низ Бик. Но, ајде да се вратиме во дваесеттиот и дваесет и првиот век.

1989 – 1996 Уран минува низ Јарец. Се распаѓаат комунистичките земји, се прави нова територијална поделба на светот (Јарец – земјен знак, терирорија, блокови).


1996 – 2003 Уран е во Водолија, во своето место. Се што е поврзано со Водолија, како технолошки напредок доаѓа до израз. Распространување на интернетот. Компјутеризација на светот. Појава на мобилните телефони.

Некако, од 2003 до 2019 годините поминаа незабележно. Не е едноставно да извлечете меродавни судови.

Точно во април 2019, Уран влегува во Бик. Една година подоцна се случува големата пандемија.

Во војна сме, иако можеби тоа не изгледа така. Во војна која на свој начин ќе биде доволно разорна како сите оние конфликти кои ги набројав хронолошки. Не исклучувам дека ќе има и вистинска, оружена војна. Меѓу Русија и Украина се заострува работата. Но, погледнете ја пандемијата. Пандемијата мислам дека е централниот дел на овој транзит на Уран низ Бик. Гледајте го лудилото што се форсира. Која е поентата? Треба да се разори старото, и да се отстапи место за новото. Што е тука старо? Што треба да се сруши? Досегашниот начин на живот, животот како што го познаваме. Веројатно, ние ќе се сеќаваме на „стариот начин“ на живот, но новите генерации веќе психолошки ќе го прифаќаат „новото нормално“. Што би било тоа? Злоупотребување на технологијата. Присилна компјутеризација (плаќање на шалтер? историска појава…). Термините за „слобода“ ќе имаат нови дефиниции и императиви – условена, „сертификатска“ слобода. Се редефинираат општествените норми на „вообичаеното“. Пораките на Светскиот Економски Форум не се нереална категорија, напротив! „Ќе нема да поседувате (Бик, имот) ништо („имањето“ разрушено од Уран), но ќе бидете среќни“. „Зелената агенда“ и исфрлање на фосилните горива од употреба и нивна замена со нови, „алтернативни“. Ја сфаќате поентата.

Каков исход предвидувам од целата приказна?

2026 ова лудило ќе заврши. Но, не пред да се случи некоја голема катастрофа. Можеби ќе следи вистинско „чипување“ – максимална злоупотреба на технологијата – наредна фаза на ваксиналните сертификати кои извесно време ќе бидат услов за движење и општо за егзистенција.

Ако има војна, ќе се води со најновите, досега неизвадени орудија кои земјите ги поседуваат.

„Друштвото“ кое стои зад оркестрацијата на пандемијава, како и сите „пропратни“ работи, најверојатно нема да успее комплетно да ја спроведе агендата (агендата 2030?!), но веројатно никогаш намерата не била комплетно да се спроведе нешто, туку процесот насилно да се започне. Можеби по 2026 повторно ќе уживаме во некаква каква-таква неусловена слобода со некакви пцр тестови или сертификати, но ќе мора да направиме компромиси (земете го фактот дека со фрлањето на атомската бомба заврши ВСВ, оттогаш повеќе не беше употребена ниту една, но заканата од нивното употребување остана до ден денешен) – компјутиризација и дигитализација, која ќе се спроведува на некој умерен, општо прифатлив начин. Како? Ќе бидеме сведоци наскоро.

Еден совет за побезболно пребродување на периодов: избришете го од главата „не ми се верува дека такво нешто може да се случи“. Отворете го умот и бидете спремни на сѐ – или ќе бидете фатени на кондиција да се уморите од количините „напредок“. Очекувајте сѐ.

Светот повеќе нема да биде ист, по 2026 година. Не се надевајте дека старото ќе се врати. Што се случуваше до сега од 2019 и во наредните 4 години, ќе биде сликата на светот во наредните 80, до наредното влегување на Уран во Бик…

Дали нешто ќе зависи од вас? Верувам дека секој индивидуално ќе може да промени голема доза на работи. Глобално? Тешко. Но, индивидуалната борба ќе биде клучна за интензитетот на импактот. До вас лично ќе биде дали ќе го прифатите официјалниот наратив, каков и да е тој… Каков и да бил 1940, или 1850…..

Дотогаш, сигурно ќе се прочитаме уште неколку пати и ќе споделиме уште искуства и совети како понатаму.

Астролошки Разговори