Monday, March 23, 2015

Нов блог... По којзнае кој пат!

Впрочем, трет пат официјално. Не ги сметам проблемите кои се јавуваа при регистрацијата. Па зафатените имиња. Па заборавените лозинки. Па чекање за одобрување од модераторите. Да му се смачи на човек!

Во животот постојат периоди на нагорнини и удолнини. Убаво е кога се качувате нагоре. Напорот е компензиран со чувството на исполнетост дека сте направиле нешто. 

Паѓањето надолу дојде ненадејно. Од секоја загуба учите нешто; во овој случај - да си отворам блог на сериозен блог провајдер! 

Како дел од животните варијабили го прифатив затворањето на blog.mk, а со тоа и повеќегодишниот труд вложен во креирањето на моите размислувања за астрологијата на македонски блог-провајдер. Секако, во оној делот со паѓањето. 

После подолг период на пауза, поривот да се споделат мислите со масата е посилен од талогот дека некои работи е подобро да се чуваат длабоко за себе. Макар вака, делумно инкогнито, без конкретен потпис со име и презиме. Со ова го погазувам главното начело од кодот на Миле Дупор. Но и тој не остана затворен зад своите врати на Корчула, копкањето за споделување го направија гуру на многу астролози на овие пост-југословенски простори денеска! Сепак, не сум Дупор. А тој беше по професија цариник! 

За некоја среќа, записите кои ги имав на astroloshkirazgovori.blog.mk ги преживејаа и гасењето на блогот и рикнувањето на хард-дискот. Дел од нив се и на профилот на Facebook. Можеби одвреме-навреме ќе објавувам по некој стар запис, нормално, без промени или едитирање на содржината.

Останете со најдобро расположение и внимавајте каде ги објавувате своите мисли, можно е некаде да одлетаат, а вие да жалите зошто не сте ги задржале пред вас и да им се насладувате барем уште некој миг! Она кое што ќе го загубите, може највеќе да ви недостасува!

Но, никојпат не е доцна за нова нагорнина во животот. Од нас зависи.