Saturday, July 21, 2018

Прашања кои немаат одговор

Многумина ме прашуваат "дали ќе го смениме името", "дали ќе опстане државата", "дали ќе о(п)стане оваа власт" и слично. Како да кажам, а да не се повторам? Ама ќе морам: на некои прашања, со кои човек е емотивно поврзан, тешко може да даде објективен одговор. Ако сакате сензации, читајте ги астролозите кои почнаа да пријавуваат скандалозни предикции, како атентати, казни од народот, од Путин и што уште не. Во таква квази астрологија јас нема да се вклучам.

Она што би можел да го направам е да го насочам своето и секако вниманието на обичниот љубител на астрологијата кон фактот дека од осамостојувањето, со државава доминантно владеат Венерини типови. Почнете од премиерите Кљусев, Црвенковски и Заев, како и лидерот на опозицијата и потенцијалниот иден премиер Мицковски (Ваги) и Глигоров и Иванов (Бикови), веројатно под влијание на асцендентот на државава (Бик). Тука се и оние, кои ја прекинаа низата, Груевски и Георгиевски (Девица и Јарец, земјени), под влијание на Сатурн кој владее со регионов, како и Трајковски (Рак), Костов (Шкорпија) и Бучковски (Стрелец), кои некако не се вклопуваа во астролошката компататибилност со државава.

Сатурн кој владее со Јарец има егзалтација во Вага; Бикот, Девицата и Јарецот - земјени, комотни и меѓусебно поврзани...

Па да го погледнеме понатаму овој аспект на толкување: Венерините типови се повеќе менаџери на затекнатото, земјените знаци - градење врз веќе постојното.

Во поновава историја нема револуционери како во минатото (Делчев, Груев, Герџиков - Водолии - револуција; Петров - Овен - една вистина; Шатев, Паница, Сарафов, Шанданов - Рак - родољубие; Александров, Протоѓеров, Матов, Узунов, Гули - Риби - свесна саможртва). Нема бескомпромисни водачи како порано (Ченто, Брашнаров - Лав - цврста волја без компромис, Карев, Татарчев - Стрелец - идеалите пред сѐ). И при најмала можност за појава на некој таков карактер, сѐ се прави неговото присуство да се релативизира. Впрочем, ако не е турбулентно време, како војна или друг вид на борба, во поднебје Јарец - таков не вирее, да се изразам народски. Секако, ова сето е шпекулативно, користам податоци кои ми одат во корист за докажување на сопствената поента.

Како единствен одговор на целава ситуација со која се соочуваме можам да го посочам фактот дека во денот на прогласување на државата, 8.9.1991, после 21 часот (не го земам 19, кој некои го земаат кога се затворија гласачките кутии на референдумот, туку самиот чин на прогласување на плоштад), Сатурн како владетел на 10. поле (а и на 9.!) стои во 10.поле - несреќа во (од!) власта, контролирана, несамостојна власт врз која влијаат реакционерни, стари, конзервативни поединци/кругови, деспотска, груба власт која користи секакви средства за неприкосновено да се одржува на позиција (во Водолија)... Нептун и Уран во 9. - нејасни (НЕ) и ненадејни, непредвидливи (УР) односи со странство, држава без цел и стратегија, без конкретна идеологија и ставови... На крај, Плутон во 7. - отворени, јасни, силни непријатели наоколу, во квадрат со Венера (народот на државава) - непријатели со јасни непријателски потези конкретно спрема народот... Крајно неповолни параметри, кои можат да донесат и до анулирање на државата. Кога? Како? Премногу емоции за конкретен одговор...

Со ова ќе се соочуваме постојано. Не е привремено. Од година до година - сѐ повеќе непријатно.

Решение? Мојот предлог е едноставен: конституирање на втора Македонска држава! Со внимателно одбрани аспекти, како Венера во 2., Јупитер во 9., Марс во 1., Сонце во 10... Ништо драматично околу тоа: за основачки датум на Франција не го сметаме 14 јули 1789, туку 4 октомври 1958, кога е воспоставена Петтата Република! Намерно или ненамерно - никој нема да ви потврди и да е така, а секој ќе ви се насмее или ќе ве исмее! Германија е 3 октомври 1990. Примерите со многу сериозни држави се бројни.

Секако дека ова е многу неверојатно дека ќе се случи. Сатурн во 10. кажува дека тоа никако не „зависи од народот“, никогаш овие 27 години не зависело од народот, како и дека народот, со ваква констелација, никогаш нема „да ги земе работите во свои раце“...