Tuesday, December 29, 2015

Предикции за светските случувања 22 декември 2015 - 21 март 2016 !

На почетокот на последниот квартал за оваа година, морам да подвлечам неколку забелешки за периодот кој стартува на 22 декември 2015 и ќе трае до 21 март 2016.
Четвртиот квартал 22 декември 2015 за Москва
Во поголем дел од Источна Европа, Блискиот Исток и Источна Африка, во кварталниот хороскоп Марс е позициониран високо на небото, точно околу Медиум Коели. Има секстил со Сонцето, но многу лош квадрат со Меркур и Плутон.

Што значи тоа?

Секоја влада, со главен град позициониран помеѓу 18. меридијан источно, до 40. меридијан источно, ќе се соочи со големи проблеми. Секаков вид на притисоци. Ќе има смрт во владејачките кругови, атетнати или обиди за такви активности. Можни војни/бунтови против властите доколку има такви услови. 

Марс е во Вага, според тоа, особено ранливи се главните градови под влијание на Вага и генерално земјите под влијание на Вага, како Виена и Австрија, потоа Белград, Софија (не сум сигурен за Украина и Киев), кои како го имаат Марс најмалку во 10. поле, ако не на Медиум Коели.

Погледнете ја црвената линија (рачно ја направив, во Пеинт) на сите три мапи.

Црвената вертикална линија е лонгитудата (меридијанот) од 39 степени, каде Марс се наоѓа точно на Медиум Коели и го има најударното влијание. Дијагоналните линии се афектирани региони бидејќи марс им е во 10.поле
Најлошото од ситуацијата ќе се појави од 30 до 40 степени должина. Очекувам по таа линија да биде најкритичнo. Најблизок главен град, каде Марс е точно на Врвот на небото, го наоѓам Москва. Се плашам од потенцијални напади таму, слични како оние во Париз, имајќи го во предвид фактот инволвираноста на Русија во војната со Сирија. Киев и Украина ќе се соочат со можни кризи, дури е возможно и отцепување на источните региони.

Блискиот Исток, буре со барут
Како да нема доволно, сега Блискиот Исток ќе се соочи со уште повеќе проблеми. Нема потреба од нагласување дека најголемиот број од главните градови се околу 39.степен должина. Очекувам војната во Сирија да биде уште пожестока, со уште повеќе жртви, дури и конкретни пешадиски операции на големите земји против ИЗИС. Да не нагласувам и дека борбите во Турција меѓу Курдите и турската војска ќе ескалираат до потенцијална граѓанска војна. Египет, како земја Вага, може да има проблем со земја под влијание на Марс, како што е Израел. Каиро е потенцијална мета на тероризам, како град Вага.


Во Африка, го наоѓам главниот град на Еритреја, Асмара, како и Етиопискиот, Адис Абеба, со Марс на Врвот на небото. Можна активација на нивниот конфликт, бидејќи Етиопија се уште го држи регионот Бадме. Кенија, Танзанија и Мозамбик, особено Јужна Африка. Ја нагласувам Либија, како држава Вага, каде конфликтите меѓу фракциите никогаш не престанаа по падот на Гадафи.


Како што Марс го напушта 10. поле, тензијата и насилството се намалуваат, но афлицираните Плутон и Меркур влегуваат во 2. поле, како што е случајот во Западна Европа. Потенцијална рецесија, проблеми со финансиите, но владите нема да паѓаат бидејќи Јупитер е сега на Медиум Коели да ги држи. Афлицираниот Сатурн сега е на Асцендентот или во 1. поле - сиромаштија, мизерија, апатија, незадоволство на народот. Рим и Берлин се на истата линија, но Меркел и Ренци нема да паднат. Сето ова за резултат може да има за застворање на границите за имигрантите, но и за бегалците, префрлајќи го притисокот кон земјите од рутата, како оние на Балканот. Франција, Британија, Португалија и Шпанија исто така ќе се соочат со финансиски проблеми, но ќе издржат.

Не баш некоја светла предикција, но се обидов да препознаам што небото запишало за нас. Се надевам дека некому ќе му помогне.

Благодарност до ltradio.org и ezilon.com за мапите.

Saturday, May 09, 2015

Банкрот на Македонија! Пад на владата кон крајот на годината



Да бидеме едно на јасно: Груевски не паѓа поради снимките, аферите, криминалите или протестите кои опозицијата ги прави. Ништо не ги допира и никој не им може ништо. Имаат одговор на се и сценарио за се. Немаат само за едно: парите. Кога ќе снемаш пари, веќе не си фактор, па биди најправ од сите.

Ја поставувам својата предикција и ги предизвикувам сите астролози: Оваа влада ќе падне поради немање на финансии за одржување на сопствениот систем.

Еве како го објаснувам тоа: во сите четири квартали за Македонија Плутон е во 2. поле. Редовно има лош аспект со некоја планета. Милекиќ вели: „Грабеж на националното богатство, богатење од смрт, војна или незаконски државни работи.“ Јас велам пустош на државниот финансиски систем. 

Најважното прашање? Кога ќе падне оваа влада? Ја давам предикцијата: Октомври/Ноември 2015. Зошто? Во третиот квартал Сатурн (беда, сиромаштија, трговски дефицит) е во прво поле, полето на народот. Марс е точно во Зенитот: смрт во владејачките кругови, проблеми на власта, можна војна. Сатурн и Марс во квадрат: народот ќе ги земе работите во своите раце? Ако сакаме да навлеземе во деталите, ќе го погледнеме транзитите на Марс врз 8 септември 1991. Целиот процес ќе започне втората половина на Мај, кога Марс влегува во второ поле. Зарем веќе не почна?

Ќе почнат ли од летово проблемите со финансиите да стануваат евидентни? Знаеме дека доволно е еден месец да нема плата, веднаш целиот систем ќе се блокира: парите нема да можат да кружат - ќе нема пари за да кружат. Потенцијален колапс.

Масата планети во четврто поле во првиот квартал (Сонце, Месечината - наклонетост на народот кон опозицијата, Марс, Уран), кој е една генерална слика за целата година, дава показател за јакнењето на опозицијата и нејзиното извесно превземање на власта. Ги ѕиркам кварталите од 2012 година, кога беше „фамозниот“ 24 декември: тогаш освен Сатурн на работ во четвртото поле, и во четвртиот квартал Марс (токму кога беа протестите) немаше ништо. И ништо и не се случи.

Што до тогаш? Дотогаш ќе имаме долго, напорно и жешко лето.

Денеска, кога го досредувам текстов, ситуацијата во Македонија ескалира. Тоа е сето дел од приказната која следи. За жал, има и повредени. Дотогаш прилика за уште некоја анализа.

Sunday, May 03, 2015

Земјотресот во Непал

 
Повторно мојата омилена тема, Мунданата Астрологија. Иако се подготвувам да пишувам за политичката ситуација во Македонија на која сме сведоци периодов, несреќата во Непал ме врати години наназад кога со денови бдеев над картите на Скопскиот земјотрес од 1963, земјотресот во Црна Гора 1979, Лисабон 1755, Сан Франциско 1906. Никако да ја сфатам нишката која ќе го дефинира шаблонот. Дали е Уран во прашање? Дали Сатурн? Дали е важно место од хороскопот врз Фиксна ѕвезда? Која? Транзит можеби? Помрачување? Му доаѓа на човек да крене раце и да се откаже. А жртви еден куп.


Да се „живи и здрави“ компјутерските програми. Кога пресметувате за Непал, навистина треба да се измачите, Средно Непалско Време е 6 часа и 30 минути. Има уште: внимавајте, за годинава Непалците не планирале летно сметање на времето!

Прв квартал за Катманду 21 март 2015

За првиот квартал од 2015 (кој генерално ја отлискува состојбата низ целата година, останатите квартали ги даваат нијансите) го имаме Сатурн точно на врвот на небото над Катманду. Индикатор на големи несреќи. Уран егзактен квадрат со Плутон, кој е во Јарец - земјата се тресе.  Кога?

Часот на земјотресот

Уран е точно на врвот на небото во часот на земјотресот. Седум од десетте планети имаат аспект со Фиксна ѕвезда (Сонце, Венера, Месечината и Асцедентот, Јупитер, Сатурн, Плутон, Нептун).

На 22 април по транзити врз кварталниот од 21 март 2015, Марс, заедно со Меркур, прават тригон со Плутон и квадрат со Јупитер.

25 септември 1768 е конституиран Непал како монархија (иако го менувал на два пати уредувањето, во 2007 и 2008): транзитен Уран квадрат Сатурн егзактно. На 17 април 2015 по транзити овдека се уште и тр МА 0 МА и тр МЕ 0 УР.

Она што е кристално јасно е дека владетел за првиот квартал (и целата година) е Уран, во второ поле, во конјункција со Марс и во квадрат со Плутон - економски земјотрес, сиромаштија, банкрот, се најлошо во врска со второто мундано поле. Анализите веќе се прават:


Навистина, тоа се показатели дека би имало проблеми. Но, дали можете од ведро небо да го препознаете земјотресот? Без да нагаѓате? Без да тропате глупости?

Уште многу анализи, уште многу непроспиени ноќи и уште многу поголемо знаење ви требаат за да можете да им помогнете на луѓето.

Понекојпат, и тоа не е доволно.


Monday, March 23, 2015

Нов блог... По којзнае кој пат!

Впрочем, трет пат официјално. Не ги сметам проблемите кои се јавуваа при регистрацијата. Па зафатените имиња. Па заборавените лозинки. Па чекање за одобрување од модераторите. Да му се смачи на човек!

Во животот постојат периоди на нагорнини и удолнини. Убаво е кога се качувате нагоре. Напорот е компензиран со чувството на исполнетост дека сте направиле нешто. 

Паѓањето надолу дојде ненадејно. Од секоја загуба учите нешто; во овој случај - да си отворам блог на сериозен блог провајдер! 

Како дел од животните варијабили го прифатив затворањето на blog.mk, а со тоа и повеќегодишниот труд вложен во креирањето на моите размислувања за астрологијата на македонски блог-провајдер. Секако, во оној делот со паѓањето. 

После подолг период на пауза, поривот да се споделат мислите со масата е посилен од талогот дека некои работи е подобро да се чуваат длабоко за себе. Макар вака, делумно инкогнито, без конкретен потпис со име и презиме. Со ова го погазувам главното начело од кодот на Миле Дупор. Но и тој не остана затворен зад своите врати на Корчула, копкањето за споделување го направија гуру на многу астролози на овие пост-југословенски простори денеска! Сепак, не сум Дупор. А тој беше по професија цариник! 

За некоја среќа, записите кои ги имав на astroloshkirazgovori.blog.mk ги преживејаа и гасењето на блогот и рикнувањето на хард-дискот. Дел од нив се и на профилот на Facebook. Можеби одвреме-навреме ќе објавувам по некој стар запис, нормално, без промени или едитирање на содржината.

Останете со најдобро расположение и внимавајте каде ги објавувате своите мисли, можно е некаде да одлетаат, а вие да жалите зошто не сте ги задржале пред вас и да им се насладувате барем уште некој миг! Она кое што ќе го загубите, може највеќе да ви недостасува!

Но, никојпат не е доцна за нова нагорнина во животот. Од нас зависи.