Sunday, December 04, 2016

11-ти декември 2016, Македонија


Од избориве едно е сигурно: Груевски повеќе нема да владее со земјава.

Тој има катастрофален годишен хороскоп, помрачување на Сонцето на роденденот, плус власта има многу лош Мундан квартал од Септември. Астролошки, ова треба да значи крај за една политичка опција и доаѓање на позиција на друга. Ниту еден политичар не може да издржи вака тешка карма и да се одржи на позиција.

Проблеми за власта: 11 декември 2016 7:00, транзити врз картата на РМ од 8.9.1991 - транзитните СО и СА во 8., во квадрат со МО (народ) и СО (власт); МО на Асц (масовност). Единствено Уран во 12. (како што транзитира веќе неколку години)  може да покаже на некакви неочекувани сценарија кои ќе се случат зад кулисите, надвор од очите на јавноста...


И покрај тоа што буквално сите параметри говорат оти власта катастрофално ќе губи, искуството од анализите на астролошките влијанија врз земјава ми даваат за право да поставам второ сценарио, кое изгледа поверојатно. Сепак, не и поедноставно. Со нас мора да е комплицирана работата.

Во второво сценарио, ниедна партија нема да освои мнозинство. По оваа логика, сите опозициони партии заедно ќе имаат повеќе гласови/пратеници отколку владејачките, и во македонскиот и во албанскиот блок. Но, во четвртиот квартал (од Декември 2016 до Март 2017), кога ќе треба да се состави новата влада, следи дисхармонија и несогласување меѓу опозиционерите. Мислам дека долго време ќе се договараат и нема да можат да се договорат. Нереални барања и желби ставени на маса. Несогласувања меѓу опозиционите лидери и опасност од фрагментирање на коалициите. 

Изборите потпаѓаат под третиот квартал од 22 септември до 22 декември, каде ги имаме СА (несреќа) во 10. (власт), како и крајно лошо поставените СО и ЈУ (симболика на власт) во 8. (проблеми, крај, регенерација на старо)


До последен момент Груевски ќе се обидува тоа да го искористи, и да се пазари со партиите за да формира влада. Ќе се обиде да формира и малцинска влада. Верувам дека такво нешто и ќе дојде на повидок, но Уран во 1. ќе ги изнесе луѓето повторно на протести и на улица. Во зависност од острината на ситуацијата, толку помасовни и поодлучни ќе бидат протестите. Драмолетки од невиден карактер. Мислам дека постои можност да настане една статус-кво состојба, на повидок ќе биде дури и прегласување заедно со локалните во Мај. На крај, или сите опозициони партии од македонскиот и албанскиот блок ќе успеат да се договорат да состават влада, или под огромен притисок од странство, ќе настане една широка коалиција од сите парламентарни партии, во која премиер нема да е ни Заев ни Груевски, туку ќе биде соломонско решение од опозиционерите. Георгиевски? Албанец? Во секој случај, секое сценарио ќе биде лошо за сегашнава власт. Последново - за нијанса помалку лошо.

СО во Зенит за кварталот од 22 декември 2016 до 20 март 2017 ми даде мисла дека власта ќе се обидува да се одржи до самиот крај со најразлични обиди, МА (акција) и НЕ (нејасно) се во 12. (скриени сценарија), но Уран (бунт) во 1. поле (народ), исто онака како при протестите лани и годинава, ќе го изнесе народот повторно на улица. СО (власт) 90 МО (народ) исто така.


Мислам дека Груевски чекаше токму ваква констелација за да појде на избори, сакајќи да ги спои заедно со локалните, но не успеа да издржи до Мај. Затоа, ќе се бори до крај, затоа што обвиненијата и судските процеси се на повидок.  Секако, ниту тој ни ДПМНЕ нема да бидат имуни на ситуацијава. Колку повеќе ќе се бори да се задржи, толку повеќе ќе губи... И тој, и партијата. Што? Ако се направи широка коалиција, ДПМНЕ највеќе ќе загуби од сите, но барем ќе бидат во власта, статисти, како и сите други и ќе спасуваат колку ќе може да се спаси. Што ќе донесе широката коалиција за државава? Ќе се одржи ли? Ќе го промени ли името? Ќе не внесе во ЕУ? Ќе го прати во историјата „ВМРО“ како термин?

Сепак да не брзаме толку. Одиме со предикциите чекор по чекор. Ден по ден. Кога сте емотивно врзани за некоја работа, како јас за земјава, емоциите не ви даваат да одите многу далеку со анализите: се барате себеси во сликите кои ви излегуваат во глава, се ставате вие во сликата, анализирате двојно...

Иднината нема да ни побегне во никој случај. Прашањето е: што правиме со сегашноста?

Thursday, October 27, 2016

Помрачување на Груевски

Пред 9 месеци, во постот „(Не)Среќна Нова Година“, напишав дека Груевски трајно заминува од политиката. Многумина не веруваа. Многумина сѐ уште не веруваат дека тоа е возможно.
 
Груевски, според часот на раѓање кој го дава на астрологот
На самата госпоѓа астролог (од снимката која протече) слушнавме дека ѝ дава час на раѓање некаде пред полноќ, кога е подзнакот Близнаци, со маса на планети под хоризонтот. Тој факт никако не ми се совпаѓа со огромната моќ акумулирана во овој човек. Како и да е, дали Близнаци, како што кажува неговиот официјален час на раѓање, или по мојата теорија за Стрелец или Јарец, со Плутон и Меркур на врвот на небото, резултатот ќе биде ист: силовитоста на Плутон ќе го направи падот уште помизерен и покатастрофален. Колку поголема власта - толку помизерен падот. Колку подолго ја држи власта, толку разврската ќе биде покатастрофална за него.

Плутон ретко кога е активен. Обично егзактен аспект, или конјункција знае да го разбуди. Што значи активиран Плутон во хороскоп на еден човек? Дупор вели: „...фатални карактери вон општествениот систем, кои со својот став и работа прават зло на себе и на околината што дури и да се свесни за тоа, не би можеле да се запрат.“ Плутон, според астролозите, е контактот со „другата димензија на постоењето“, нешто што обичните луѓе не можат да го поимат, нешто што овие ги прави поразлични од другите. Данте, Бетовен, Паганини, Тесла, Мерлин Монро, меѓу многумината. Силовита судбина и потресен живот. Демонска инспирација која креира епски дела.  Телото е само средство за контакт со „другата димензија“. Политичарите обично се креваат до небото, а потоа молскавично паѓаат, неретко плаќајќи и со животот: Робеспјер, Марија Стјуард, Николај Втори Романов, Анте Павелиќ... Колку поголема моќта, толку посилен падот. Кај Груевски Плутон е во конјункција со Меркур, секстил со Нептун и Тригон со Сатурн. За негова среќа, од, за разлика кај Павелиќ, нема Марс во изгон во Рак (масакр), Јупитер во изгон во Јарец (деспотизам) или Нептун (плус Плутон) во изгон во Близнаци (манија, лага, клевета врз масите). Кај него имаме Девица, нагласен интелект, проникливост, мисловна сугестивност. Пишував за егзалтираното владеење на една Девица во „(Не)Среќна Нова Година“.

Што е тоа што ќе го активира Плутон за да собори еден човек од висините во кои токму неговата енергија и сила го кренала? Неколку лоши годишни хороскопи, потоа подолг транзит низ сензитивно место на некоја од поголемите планети, и секако - помрачување на Сонцето на некоја важна точка од наталниот хороскоп. За несреќа на Груевски, а и за наша, роден е точно на ден на помрачување. Годинава, помрачување на Сонцето се случи на 1 септември, на 9 степени Девица. Сонцето на Груевски се наоѓа на 8 Девица. Помрачување врз помрачувањето.

Помрачувањето на Сонцето во наталната на Груевски (внатрешниот круг на планети на 31.08.1970 во 22 часот, надворешниот круг е транзитната состојба на 1.09.2016 во часот на помрачувањето, 11:02)
Кралеви, претседатели и лидери, родени или крунисани на ден на помрачување ја губеле државата, власта, кралството.

Најеклатантен пример за последиците од помрачувањето се Австријците. Франц Јозеф, претпоследниот австриски цар, роден е во помрачување. Неговиот син, кој треба да го наследи, извршува сомнително самоубиство. Следен во лозата на наследство е внукот Франц Фердинанд, самиот прогласен за престолонаследник на ден на помрачување. Убиен е во Сараево 1914. На крај, Франц Јозеф, по 75 години владеење, умира во 86-та година од животот. Го наследува вториот внук Карл, исто така роден во очи на помрачување. Владее само титуларно, без да се меша во државните работи. По неговата прерана смрт во 1922, Австриското царство е укинато, 800 годишната државност на Хабсбурзите прекината. Австрија оттогаш е република.


Но, што е она кое тој ќе го однесе со себе? Што е тоа кое тој ќе го загуби? Дали сѐ ќе се сведе само на губење на власта, или ќе загуби нешто многу повеќе? Слободата? Дали ДПМНЕ после него ќе престане да постои? Дали, уште повеќе, државата Република Македонија, барем во ваква форма како што ја знаеме? Сѐ е можно. Карма на еден народ се врзува за еден човек, вака маркантен како што е тој.

Годишен хороскоп на Груевски, од 31 август 2016 до 31 август 2017, составен според официјалниот час на раѓање
Збор-два и за годишниот хороскоп. И да не е точен часот на раѓање, па да ги занемариме полињата, само гледајќи ги аспектите меѓу планетите, ќе забележиме дека Марс и Сатурн катастрофално го напаѓаат Сонцето. Ги прегледав последните 20 години, ова е можеби најлошата, најтешка година за родените на 31 август и 1 септември, на здравствено, работно и општествено поле (плус тежина на годишниов хороскоп носи и помрачувањето, кое за обичните луѓе можеби нема да донесе толку проблеми како кај политичарите, но секако ќе донесе компликации со далекусежни последици), секако, што, колку и како - во зависност од часот на раѓање. Сонцето е дарителот на славата, власта, моќта. МА 90 СО вели срушена чест, расправи, немир, суд. СА 90 СО вели дека и здравјето ќе страда, хроничните проблеми ќе станат големо бреме. Истиот аспект говори и за предавство од најблиските соработници, но и сурови казни за истите. Сепак, не гледам опасност по живот: и покрај катастрофално поставеното Сонце, за среќа Меркур стои многу добро меѓу Јупитер и Венера, аспектот кој држи подалеку од животните опасности.

Континуираните добри хороскопи на Груевски од 1998 до 2007 година го активираа неговиот Плутон и го направија најмоќен политички лидер кој земјава воопшто го имала. Континуираните лоши годишни хороскопи од 2013 па наваму му ги донесоа проблемите и негативната карма на Плутон. Сето тоа споено со кварталните хороскопи, крајно неповолни за владејачките кругови на меридијанот на Балканот, му го донесоа неминовниот пад. Најлошиот годишен хороскоп досега и помрачувањето врз неговото Сонце, само ќе му го дефинира заминувањето. Предикција: 2016-2017

Го завршувам постот со верувањето. Многумина не веруваа дека кога се појави, овој човек ќе го остави најголемиот печат на модерната македонска политика. Сакале да признаеме или не, некој го мразел или го сакал, тој испиша многу страници од македонската историја. Ѕвездите сега велат дека доаѓа крајот. Многумина не веруваат дека сето ова е возможно. Нема ниту сега да веруваат. Можеби и јас како автор на текстов длабоко во себе не можам да поверувам. Но, според сите начела на астрологијата, токму тоа треба да го очекуваме. „Не верувајте - проверете“, како што вели Дупор. Јас верувам уште и дека,  штом се консултира со астролог, и самиот Груевски ова веќе го знае и е на чекор пред сите, како и секогаш.

Monday, February 01, 2016

Погледнете кои знаци ja водат Република Македонија!


Ако ги следите политичките случувања во Република Македонија, не може да ви одбегне фактот дека ова е дуел на два принципа: земјен и воздушен.

На едната страна е власта, со Никола Груевски (Девица), Никола Тодоров (Јарец), Мартин Протуѓер и Диме Спасов (Бик), како и Сашо Мијалков (Девица) - сите земјени знаци.

Алхемиски знак за земја

На другата страна е опозицијата, со Зоран Заев и Оливер Спасовски (Вага), Радмила Шеќеринска и Петре Шилегов (Близнаци), Дамјан Манчевски (Водолија) - сите воздушни знаци.
Алхемиски знак за воздух

Тоа се најекспонираните од двата табора, присутни на сите случувања, преговори, своевидни партиски „ударни тупаници“.

Интересно е дека координаторите и на двата „тима“ се Лав: Илија Димовски и Горан Сугарески.

Уште една интересна забелешка: во СДСМ, сем Манчевски кој е Водолија, останатите потпретседатели се Риби: Ременска, Кирацовски и Узунов (сега повлечен). Риби е и Емил Димитриев кој стана технички премиер предложен од ДПМНЕ.

Теоретски кажано: Материјализам наспроти Идеализам! 

Wednesday, January 06, 2016

(Не)Среќна Нова Година 2016 - ВТОР ДЕЛ

Ова е продолжение на ПРВИОТ ДЕЛ од текстот за идните случувања во периодот кој следува.

МАЛКУ НАДЕЖ

Ќе ја донесе Јупитер. Позициониран многу добро во 9. поле, во своето поле, поле на високите институции, судовите, судиите, филозофите, факултетите, професорите, религијата. Дали ова значи и јакнење на новото специјално Јавно Обвинителство или пак нова страница која голем број поединци од веќе постоечкото Државно Јавно Обвинителство ќе ја свртат, останува да видиме. Очекувам јакнење на позициите на судиите (или да кажам, враќање на моќта во судиите и судовите), генерално на судот, во позитивна смисла, особено во погледот на отфрлање на притисоци и закани за нарачани судења. Очекувам да се носат неочекувани одлуки, со оглед на досегашната „очекувана“ пракса. Најголемиот скандал досега после бомбите, скандалот со личните карти, очекувам дека ќе има реална и правна разрешница и дека ќе се разјаснат многу детали кои досега ги креираа медиумите. Во секој случај, позитивен исход на истраги, процеси, афери...

Со Белград и Србија сме на ист меридијан, значи слична констелација на кварталот, веќе од таму дојдоа информации за најголемата акција против организираниот криминал, со апсења на голем број државни службеници. Тоа ми дава за право да заклучам дека има надеж и за нас и да ја поставам погорната предикција.

9. поле, како поле на религијата, со Јупитер позициониран таму многу поволно, очекувам да донесе некакво религиско помирување, можеби со СПЦ, или пак разрешување на некој религиски спор кој се влечел долго време. Можеби ќе стане збор и за проблемите кои МПЦ ги има со Австралија.

9. поле значи и странство, добробит од некоја странска земја, во Девица - Грција?! Придвижување на спорот со името? Позитивна соработка со земји Девица (Словенија, Хрватска, Турција)? Наклонетост на странски дипломати Стрелци (пр. Хан)? Кандидатура на Керим (Стрелец) во ООН? Или пак конечно ќе добиеме некој денар помош за справување со бегалците и мигрантите?

Да ја заокружиме темава: Јупитер овој квартал е сигнификатор на првото поле (народот), во 9. (странство) = продолжува тенденцијата на иселувањата на народот во странство...

ПРАЗНА КАСА

Константните малефици во 2.поле во кварталите на РМ изминатите години ѝ донесоа состојба пред банкрот. За тоа пишував уште во постот од Мај 2015. Денеска само стана јасно дека ако не се задолжи, државата не може да ги исплати платите и пензиите. Плутон и Меркур во конјункција, во квадрат со Марс од Врвот на Небото, и Уран од Дното на Небото, точно на влезот во 2.поле и овој квартал ќе продолжат со пустош во финансиите.

Владетелот пак на 2. е најлошата планета во системов, Сатурн, која овој период е позициониран кон Асцендентот, односно во 1.поле, во полето на народот; не е тешко и сами да го извлечете дека заклучокот од оваа аналогија  = сиромаштија, мизерија, беда на народот.

Деновиве на некои медиуми оди веста дека вториот столб на пензискиот фонд е празен. Ова е уште една информација од многуте кои ќе следуваат. Никој не знае како, а впрочем, сите знаат, но не можат ништо. Допрва последиците ќе ги гледаме, допрва следува вистинската сиромаштија и мизерија за народов. Не за овој квартал, туку години од сега.

Верувајте, Србите не се одлучија на чекорот со акцијата и стотината уапсени, да не пресметаа оти ќе капне некој динар во ќесето. И тие имаат афлицирани Плутон и Меркур во второ поле како и ние. Но, да не се залажуваме: тоа се само очајни потези на давеник. 

ИЗБОРИ АПРИЛ 2016

Кварталот за 2016 за РМ

Некако одговорот на ова прашање повеќе ми оди кон друго прашање: дали во Април воопшто ќе има избори? Или, и да има, како ќе бидат спроведени?

За да дадеме одговор на тоа прашање, треба да го ѕирнеме наредниот квартален хороскоп, од 21 Март 2016, кој би требало да го даде тонот на цела 2016 година: во 9.поле ќе биде Сатурн, од каде го влечам заклучокот за можна меѓународна изолација, губење на препораката за ЕУ, губење на Шенген, несреќа од странство. Тогаш, ќе нема воопшто да биде важно кој ќе победи... Сето тоа во комбинација со Марс, исто во 9., како владетел на 8. = воен напад од странство (?!), странски притисок. Уран е во 1.= бунт на народот против власта, која и да е таа и кој и да ја води. Заострување на односите со некоја странска земја во секој случај. Но, за тоа повеќе кога ќе дојде време.


Да не пропуштам да споменам дека Месечината е во афликција во 5., во опозиција со Венера од 11.: дали е можна смрт на некоја позната, популарна личност од државава? Не зборувам за насилна смрт, туку обична, природна смрт на популарен лик од ТВ екраните, музичката сцена и сл, по кој државата ќе тагува?

Камо за се ова што го напишав да сум грешка и само добро да и се случува на земјава!

Tuesday, January 05, 2016

(Не)Среќна Нова Година - Прв Дел

Некако ја запоставив македонската верзија од блогов. Можеби затоа што немам што убаво да напишам за земјава. Не јас, така велат планетите.

Протолкував неколку астролошки аспекти и ги запишав уште пред некој да помисли дека ќе биде возможен таков исход. Владава навистина падна кон крајот на годинава и земјава се соочи со потенцијален банкрот. Што понатаму?

Во претпоследниот квартал Септември-Декември 2015, Марс беше во 10.поле = огромен притисок врз власта, тешки проблеми на владата, што го донесе нејзиниот пад и назначувањето на техничките министри од СДСМ. Тој период во 10.поле се најде и Јупитер како планета со најпозитивни влијанија, што на власта и даде каква-таква сила да ги издржи проблемите и нападите.

Некако слична приказна ќе и биде периодов кој претстои. Побрзав да ги запишам овие забелешки, оти веќе почнаа разврските. Да не испадне дека не сум кажал после.

Последниот Квартален Хороскоп за Република Македонија 0 степени Јарец

ГРУЕВСКИ СИ ЗАМИНУВА

Во последниот квартал за 2015, Декември 2015 - Март 2016, Марс пак е во 10. поле, овојпат осамен и повторно во афликција. Тоа ќе даде уште поголеми проблеми за владејачките кругови, веројатно тоа е оставката на Груевски. Можни се и кривични пријави, апсења. Овојпат го нема Јупитер во 10. некого да спасува.

Никому не му се верува, но како минува времето, се поизвесно е трајното политичко заминување на Груевски. Мислам дека тој е политичар со Уран или Плутон во 10. поле, она кое што еден обичен човек го издигнува од рамките на анонимноста и секојдневието и го воздигнува во небесата на апсолутната моќ, полетната сила која не знае за пречки и граници. Но, тоа е сила која знае и стрмоглаво да ве тресне на земјата, без да ви даде шанса за мирен пад.

Ќе се прашате како тој успева да ги скроти во себе тие сили? Преку ладно резонирање. Да беше Овен или Лав, до сега многупати ќе изгореше во сопствениот оган. Но, тој е Девица, студено резонира, не се залетува, внимателно испитува околу себе, па тогаш стапнува. Секој негов потег е влечен после големи анализи и консултации. Никогаш не мирува, знаејќи дека и најмало опуштање може да значи крај, навистина работи 24/7, ги ангажира сите околу себе, им ѕврцка и доцна по полноќ; тоа станало дел од него, негов начин на живот. Нема имагимација, само логика. Нема креативност, строго запишани говори и обраќања. Термините како Вмро, Македонија, инвестиции, вработувања, сето тоа се само тригер зборови кои служат на целта. Силната енергија на Плутон/Уран кон врвот на небото, проникливата интелигенција, проследена со доследна, макотрпна работа го направија еден од најмоќните луѓе кои државава воопшто ги имала. 

Од „бомбите“ на Заев најеклатантно видовме како владее една Девица: никому не му наредува, настапува од висина, но ги почитува подредените, секому со суптилно наговестување, преку разговор, му ги посочува потезите кои ќе се влечат, никого не убедува дека токму тие потези се најправилни, туку дури соговорниците ги прашува за мислење, за совет, „како е најдобро да направиме“, или „јас мислам вака, ти што мислиш“, иако многу повеќе од јасно е дека секое поинакво мислење или поупорно спротивставување може да значи и деградирање, ако не и нешто повеќе. Тој знае дека тоа е шаблон кој функционира и го применува успешно на круг на луѓе кои ги има поставено на клучните позиции. Сѐ е пресметка, а дејствијата зависат од резултатот. Не ги крши законите директно, туку ги менува и ги прилагодува кон своите потреби. Навистина, подолг и помакотрпен процес, но тоа е ладната интелигенција на Девицата, со што има покритие дека сите дејствија му се според законите.

Неговиот пад од врвот на политиката нема да биде поради некој друг. Тој ќе падне само поради самиот себе и потезите кои самиот свесно се одлучил да ги направи, а за кои знаел дека не се добри. Можеби тоа било помалото зло во дадениот момент, но денеска му се враќа како бумеранг десеткратно и нему тоа потполно му е јасно.

ТЕХНИЧКИ ПРЕМИЕР

Иако ова заминување на Груевски од премиерската позиција е „техничко заминување“, сепак, сите се свесни за непоправливата штета која со себе тоа ја носи. Тој најмногу од сите.

За негов наследник како технички премиер сите индиции говорат дека ќе биде знак под влијание на Венера, како влад. на 10.поле (Вага, можеби Бик). Ќе биде добар избор во однос на проблемите со кои се соочува земјата, ќе се обиде да ги решава (добрите аспекти на Венера со Меркур 0 Плутон, како и со Јупитер), сепак, без многу голем успех. Нема да биде ни Тодоров, ни Милошевски. Венера во Шкорпија ми дава аналогија дека Никола Поповски од Надворешни Работи е меѓу сериозните кандидати. Во секој случај, очекувајте интересен избор, можеби и жена (Венера)! Но, кој и да биде, Венера е во опозиција со Месечината (народот), ќе биде непопуларен и промашен избор за широките народни маси.

За останатите можни случувања во РМ периодов кој следува, читајте во ВТОРИОТ ДЕЛ.