Thursday, October 27, 2016

Помрачување на Груевски

Пред 9 месеци, во постот „(Не)Среќна Нова Година“, напишав дека Груевски трајно заминува од политиката. Многумина не веруваа. Многумина сѐ уште не веруваат дека тоа е возможно.
 
Груевски, според часот на раѓање кој го дава на астрологот
На самата госпоѓа астролог (од снимката која протече) слушнавме дека ѝ дава час на раѓање некаде пред полноќ, кога е подзнакот Близнаци, со маса на планети под хоризонтот. Тој факт никако не ми се совпаѓа со огромната моќ акумулирана во овој човек. Како и да е, дали Близнаци, како што кажува неговиот официјален час на раѓање, или по мојата теорија за Стрелец или Јарец, со Плутон и Меркур на врвот на небото, резултатот ќе биде ист: силовитоста на Плутон ќе го направи падот уште помизерен и покатастрофален. Колку поголема власта - толку помизерен падот. Колку подолго ја држи власта, толку разврската ќе биде покатастрофална за него.

Плутон ретко кога е активен. Обично егзактен аспект, или конјункција знае да го разбуди. Што значи активиран Плутон во хороскоп на еден човек? Дупор вели: „...фатални карактери вон општествениот систем, кои со својот став и работа прават зло на себе и на околината што дури и да се свесни за тоа, не би можеле да се запрат.“ Плутон, според астролозите, е контактот со „другата димензија на постоењето“, нешто што обичните луѓе не можат да го поимат, нешто што овие ги прави поразлични од другите. Данте, Бетовен, Паганини, Тесла, Мерлин Монро, меѓу многумината. Силовита судбина и потресен живот. Демонска инспирација која креира епски дела.  Телото е само средство за контакт со „другата димензија“. Политичарите обично се креваат до небото, а потоа молскавично паѓаат, неретко плаќајќи и со животот: Робеспјер, Марија Стјуард, Николај Втори Романов, Анте Павелиќ... Колку поголема моќта, толку посилен падот. Кај Груевски Плутон е во конјункција со Меркур, секстил со Нептун и Тригон со Сатурн. За негова среќа, од, за разлика кај Павелиќ, нема Марс во изгон во Рак (масакр), Јупитер во изгон во Јарец (деспотизам) или Нептун (плус Плутон) во изгон во Близнаци (манија, лага, клевета врз масите). Кај него имаме Девица, нагласен интелект, проникливост, мисловна сугестивност. Пишував за егзалтираното владеење на една Девица во „(Не)Среќна Нова Година“.

Што е тоа што ќе го активира Плутон за да собори еден човек од висините во кои токму неговата енергија и сила го кренала? Неколку лоши годишни хороскопи, потоа подолг транзит низ сензитивно место на некоја од поголемите планети, и секако - помрачување на Сонцето на некоја важна точка од наталниот хороскоп. За несреќа на Груевски, а и за наша, роден е точно на ден на помрачување. Годинава, помрачување на Сонцето се случи на 1 септември, на 9 степени Девица. Сонцето на Груевски се наоѓа на 8 Девица. Помрачување врз помрачувањето.

Помрачувањето на Сонцето во наталната на Груевски (внатрешниот круг на планети на 31.08.1970 во 22 часот, надворешниот круг е транзитната состојба на 1.09.2016 во часот на помрачувањето, 11:02)
Кралеви, претседатели и лидери, родени или крунисани на ден на помрачување ја губеле државата, власта, кралството.

Најеклатантен пример за последиците од помрачувањето се Австријците. Франц Јозеф, претпоследниот австриски цар, роден е во помрачување. Неговиот син, кој треба да го наследи, извршува сомнително самоубиство. Следен во лозата на наследство е внукот Франц Фердинанд, самиот прогласен за престолонаследник на ден на помрачување. Убиен е во Сараево 1914. На крај, Франц Јозеф, по 75 години владеење, умира во 86-та година од животот. Го наследува вториот внук Карл, исто така роден во очи на помрачување. Владее само титуларно, без да се меша во државните работи. По неговата прерана смрт во 1922, Австриското царство е укинато, 800 годишната државност на Хабсбурзите прекината. Австрија оттогаш е република.


Но, што е она кое тој ќе го однесе со себе? Што е тоа кое тој ќе го загуби? Дали сѐ ќе се сведе само на губење на власта, или ќе загуби нешто многу повеќе? Слободата? Дали ДПМНЕ после него ќе престане да постои? Дали, уште повеќе, државата Република Македонија, барем во ваква форма како што ја знаеме? Сѐ е можно. Карма на еден народ се врзува за еден човек, вака маркантен како што е тој.

Годишен хороскоп на Груевски, од 31 август 2016 до 31 август 2017, составен според официјалниот час на раѓање
Збор-два и за годишниот хороскоп. И да не е точен часот на раѓање, па да ги занемариме полињата, само гледајќи ги аспектите меѓу планетите, ќе забележиме дека Марс и Сатурн катастрофално го напаѓаат Сонцето. Ги прегледав последните 20 години, ова е можеби најлошата, најтешка година за родените на 31 август и 1 септември, на здравствено, работно и општествено поле (плус тежина на годишниов хороскоп носи и помрачувањето, кое за обичните луѓе можеби нема да донесе толку проблеми како кај политичарите, но секако ќе донесе компликации со далекусежни последици), секако, што, колку и како - во зависност од часот на раѓање. Сонцето е дарителот на славата, власта, моќта. МА 90 СО вели срушена чест, расправи, немир, суд. СА 90 СО вели дека и здравјето ќе страда, хроничните проблеми ќе станат големо бреме. Истиот аспект говори и за предавство од најблиските соработници, но и сурови казни за истите. Сепак, не гледам опасност по живот: и покрај катастрофално поставеното Сонце, за среќа Меркур стои многу добро меѓу Јупитер и Венера, аспектот кој држи подалеку од животните опасности.

Континуираните добри хороскопи на Груевски од 1998 до 2007 година го активираа неговиот Плутон и го направија најмоќен политички лидер кој земјава воопшто го имала. Континуираните лоши годишни хороскопи од 2013 па наваму му ги донесоа проблемите и негативната карма на Плутон. Сето тоа споено со кварталните хороскопи, крајно неповолни за владејачките кругови на меридијанот на Балканот, му го донесоа неминовниот пад. Најлошиот годишен хороскоп досега и помрачувањето врз неговото Сонце, само ќе му го дефинира заминувањето. Предикција: 2016-2017

Го завршувам постот со верувањето. Многумина не веруваа дека кога се појави, овој човек ќе го остави најголемиот печат на модерната македонска политика. Сакале да признаеме или не, некој го мразел или го сакал, тој испиша многу страници од македонската историја. Ѕвездите сега велат дека доаѓа крајот. Многумина не веруваат дека сето ова е возможно. Нема ниту сега да веруваат. Можеби и јас како автор на текстов длабоко во себе не можам да поверувам. Но, според сите начела на астрологијата, токму тоа треба да го очекуваме. „Не верувајте - проверете“, како што вели Дупор. Јас верувам уште и дека,  штом се консултира со астролог, и самиот Груевски ова веќе го знае и е на чекор пред сите, како и секогаш.